Културните настани во Охрид ќе се негуваат преку целата година преку „Култура 365“
Охрид, 18. јули 2011 (ИНПРЕС) извор: Супер радио фото: Супер радио
Од неодамна културната понуда на Охрид е збогатена со отварањето на новиот Културен центар „Култура 365“, лоциран во стариот дел на градот.
Идеен творец на идејата е охридскиот писател, публицист и фотограф Мишо Јузмески. Во срцето на градот, во текот на целата година ќе има доза на култура преку организирање изложби, промоции на книги, културни и музички настани, јавува охридското Супер радио.
Целта е е да се доближи културата до граѓаните и гостите кои го посетуваат, вели Лидија Размоска, раководителка на центарот. Како посебен дел во културниот центар, особено интересна за посетителите е „Собата на А. ден Долард“. Овој холандски писател е заслужен токму за промовирањето на Охрид и Македонија во западно-европските земји.
- Животот и делото на овој писател се мошне значајни. Тој е оној кој го промовирал Охрид во Холандија и преку издавањето на неговата книга „Свадбата на седумте цигани“. Холанѓаните читајќи ја таа книга, почнале уште од 1939 година да доаѓаат во Охрид. Се до ден-денес доаѓаат и се воодушевуваат на Охрид, благодарение на холандскиот писател, вели Размоска.
Дел од граѓаните на Охрид знаат за животот и делото на овој автор, а дел преку „Собата на А. ден Долард“ во центарот „Култура 365“ можат да се запознаат со неговите дела, да погледнат негови фотографии и да научат за неговиот живот и патувања на просторот на Балканот и Македонија, кои му дале голема инспирација за творење. Размоска додава дека „Собата на А. ден Долард“ е простор кој одамна бил потребен за Охрид, тргнувајќи најпрво од литературен аспект, но и културен и туристички.
За неполн месец, колку што официјално е отворен центарот „Култура 365“ го посетиле многу туристи од повеќе од 15-на земји од целиот свет.
- Не посетиле многу туристи, почнувајќи најпрво од холандските, потоа белгиски, фински туристи, Англичани, Американци, Французи. Не ретко тука стапнале и Корејци, Јапонци, па и Турци. Нив посебно им се интересни фотографиите со џамии, не дека немаат во Турција, туку затоа што на заеднички фотографии се наоѓаат мотиви од џамии и цркви. Тие за нив се посебно интересни и најмногу ги купуваат, додава Размоска.
Во моментов во центарот „Култура 365“ е поставена изложбата на фотографии “Охрид“ на Мишо Јузмески. Фотографиите се со мотиви од Охрид, охридско и Охридското Езеро, фотографирани во различни периоди од годината. За странските посетители посебно интересни се фотографиите на Охрид во зима, градот онаков каков што го немаат видено. Изложбата е продажна, а странците се далеку позаинтересирани од домашните посетители за да си понесат фотографии од Охрид во својата земја.
Пред 10-тина дена, во „Култура 365“ и охридскиот новинар, публицист и политички аналитичар Веле Митаноски ја промовираше неговата најнова книга „Рани спомени“ пред охридската публика. (Крај) |