Разрешен деканот на Факултетот за туризам
Охрид, 8. февруари (ИНПРЕС)

Софроние Миладиновски повеќе не е декан на охридскиот факултет за Туризам и организациони науки.
На седница на ректоратот на Битолскиот универзитет Свети Климент Охридски во петокот, Миладиновски кој 8 години е на ова функција е разрешен. Тој обвинува за директен упад на ректорот во работењето на факултетот.
- Ваков упад ретко кој врши во високото образование. По доаѓањето на оваа ректорска власт стално боди очи на факултетот и ова е прв ваков обид. Претходно имаше неколку случаи во кој главната улога секогаш ја водеше ректорот на универзитетот и на крај неговите закани спрема факултетот тој ги оствари преку моја смена краток период пред истекот на мандатот, објаснува Миладиновски.
Поранешниот декан Миладиновски вели дека во сето ова се крие и длабока политика. Ректорот на Битолскиот универзитет пред две години на оваа функција беше назначен од страна на сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тој ја обвинува и професорката на факултетот во Охрид, а сега заменик министер за информатички технологии Мирјана Секуловска дека и таа се крие зад неговата смена:
- Сериозни закани веќе една година имам од професорката Секуловска која во досегашниот период не успеа да добие согласност за ангажирање како професор од својата матична куќа, обвинува Миладиновски.
Професорката Секуловска не сакаше да ги коментира обвинувањата на нејзиниот колега Софроние Миладиновски, под образложение дека сега таа е заменик - министер за информатичко општество.
Од Битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ изјавија дека причина за смената на досегашниот декан се незаконитостите во неговото работење, а по претходно спроведениот инспекциски надзор од страна на инспекторатот при Министерството за образование на 4. февруари годинава.
За в.д декан е поставена професорката Јованка Биљановска. (Крај) |